Базенот позелени по реновирање од 14 милиони долари, Трамп обвини за саботажа

Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека проблемите со неодамна реновираниот рефлектирачки базен кај Линколновиот меморијал во Вашингтон се резултат на вандализам и намерно оштетување.

Обвинувањата следуваат откако водата во познатиот базен позелени поради нагло ширење алги, а делови од новопоставената сина облога почнаа да се одвојуваат само неколку дена по завршувањето на работите.

Проектот за обнова чинеше околу 14 милиони долари, а базенот беше обоен во нијанса што Трамп ја нарече „сина како американското знаме“.

„Имавме сериозни проблеми со вандализам во прекрасниот рефлектирачки базен“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

Тој тврдеше дека непознати лица употребиле хемикалии и се обиделе да ја оштетат новата површина, но не понуди докази со кои би ги потврдил обвинувањата.

Трамп го посочи и новинарот на Еј-Би-Си, Џонатан Карл, обвинувајќи го дека се обидел да откине дел од облогата. На снимката од телевизискиот прилог се гледа како Карл од водата зема парче материјал што веќе пловело по површината.

Претседателот соопшти дека полицијата го истражува случајот и дека оштетениот дел треба да биде поправен на почетокот од следната недела.

Истовремено, Националната служба за паркови се обидува да го отстрани цутот на алгите со механичко чистење, водороден пероксид и технологија со наномеурчиња.

Базенот, кој се протега меѓу Линколновиот меморијал и Вашингтонскиот споменик, беше испразнет, исчистен и повторно наполнет пред прославата на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.

Само неколку дена по повторното отворање, водата стана зелена, а снимките од местото покажаа дека новата сина површина на повеќе места се лупи.

Најчитано