Десеттиот натпреварувачки ден на Светското фудбалско првенство носи четири натпревари во групите Е и Ф, а Германија, Брегот на Слоновата Коска и Шведска уште вечерва можат да обезбедат место во шеснаесетфиналето.
Програмата според македонско време започнува во 19 часот со дуелот меѓу Холандија и Шведска во Хјустон.
Шведска во првото коло убедливо го совлада Тунис со 5:1 и со нова победа ќе го завери пласманот меѓу најдобрите 32 репрезентации. Доколку ја победи Холандија, а Јапонија не слави против Тунис, Швеѓаните пред последното коло ќе го освојат и првото место во групата.
Холандија, пак, влегува во натпреварот по ремито 2:2 со Јапонија. Европската селекција не може вечерва ниту да обезбеди пласман, ниту да биде елиминирана, но евентуален пораз значително би ја усложнил нејзината позиција пред последното коло.
Главното внимание ќе биде насочено кон Торонто, каде од 22 часот се среќаваат Германија и Брегот на Слоновата Коска.
Двете репрезентации имаат по три бода и победникот директно ќе се пласира во нокаут-фазата. Германија го започна турнирот со убедлив триумф од 7:1 над Курасао, додека африканскиот шампион го совлада Еквадор со 1:0.
Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, предупреди дека неговиот тим го очекува многу потежок предизвик од оној во првото коло. Тој ја истакна брзината на противничките напаѓачи, цврстата одбрана и силата во средниот ред на Брегот на Слоновата Коска.
Германија со победа сигурно оди понатаму, а доколку Еквадор подоцна не го совлада Курасао, ќе го обезбеди и првото место во групата. Истата можност ја има и Брегот на Слоновата Коска доколку слави против Германците.
Во два часот по полноќ, во Канзас Сити, ќе играат Еквадор и Курасао. Двете репрезентации стартуваа со пораз и натпреварот може да биде последна шанса за задржување на реалните надежи за продолжување на турнирот.
Курасао ќе биде елиминиран ако загуби, а Брегот на Слоновата Коска освои најмалку бод против Германија. Еквадор, пак, може да испадне доколку загуби, а Германија не биде поразена.
Десеттиот ден ќе заврши во шест часот наутро со пресметката Тунис – Јапонија во Монтереј. Натпреварот ќе има историско значење, бидејќи ќе биде 1.000 дуел одигран на светските фудбалски првенства.
Јапонија има еден бод по ремито со Холандија, додека Тунис ќе се обиде да се врати по тешкиот пораз од Шведска. Тунижаните можат да бидат елиминирани доколку загубат, а Холандија ја победи Шведска.
