Еболата се шири во Конго: Над 1.000 заразени, 254 лица починаа

ебола

Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго надмина 1.000, додека здравствените власти се обидуваат да го запрат ширењето на смртоносната болест во источниот дел на земјата.

Според последните податоци на Министерството за здравство, регистрирани се 1.003 потврдени случаи, од кои 254 завршиле со смртен исход. Сто пациенти оздравеле, додека најмалку 365 лица се лекуваат во болници или се наоѓаат во изолација.

Епидемијата е најсилно концентрирана во провинцијата Итури, а случаи се потврдени и во Северен и Јужен Киву. Станува збор за реткиот сој Бундибугио, за кој во моментов нема одобрена вакцина или специфичен третман.

Здравствените власти предупредуваат дека вистинскиот број заразени може да биде значително поголем од официјалните податоци. Следењето на контактите опфаќа само околу 55 проценти од лицата изложени на вирусот, додека повеќе од 35.000 потенцијални контакти сè уште не се пронајдени.

Дополнителен проблем претставуваат вооружените судири во источниот дел на Конго, каде што здравствените екипи немаат пристап до голем број села. Илјадници жители се принудени да ги напуштат домовите и да престојуваат во пренаселени кампови, што го зголемува ризикот од натамошно ширење на заразата.

Епидемијата беше прогласена на 15 мај, но надлежните сè уште не го утврдиле првиот случај од кој започнало ширењето. Експертите стравуваат дека врвот на епидемијата можеби сè уште не е достигнат.

Еболата се пренесува преку директен контакт со крвта и телесните течности на заразено лице, како и преку контаминирани предмети. Периодот на инкубација трае од два до 21 ден, а лицата не се заразни пред да се појават симптомите.

Најчитано