До крајот на неделава треба да бидат познати кадровските решенија и останатите детали од најавената реконструкција на Владата, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека првичните разговори меѓу владините коалициски партнери се одвиваат во конструктивна атмосфера и најави нови средби во текот на неделата.
„Во првите разговори преовладува конструктивен амбиент. Во текот на оваа недела повторно ќе имаме средби, очекувам тие да бидат завршни, а во текот на викендот сето тоа да се формализира и со имиња и со останатите специфики“, изјави Мицкоски.
Според најавата, конечниот договор се очекува да биде постигнат до викендот, на 27 и 28 јуни, кога треба да се знае кои функционери ќе бидат дел од реконструираниот владин состав.
Мицкоски потврди дека во разговорите се разгледувала и можноста за промена на одредени ресори. Засега не се открива кои министерства би можеле да добијат нови раководства, ниту дали реконструкцијата ќе опфати поширока прераспределба на надлежностите меѓу коалициските партнери.
Премиерот изјавата ја даде по учеството на годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите.
По завршувањето на коалициските преговори треба да биде соопштено дали реконструкцијата ќе значи само промена на министри или и посуштинско преструктурирање на владиниот кабинет.
