Во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари на отворено, ОКТА втора година по ред ја продолжува иницијативата за превенција од пожари и поддршка на институциите задолжени за заштита и спасување.
Компанијата обезбеди специјализирана заштитна опрема за пилотите кои управуваат со противпожарните авиони „Air Tractor“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Донацијата опфаќа заштитни одела, јакни, ракавици и чизми, наменети за подобрување на безбедноста и отпорноста на пилотите за време на високоризичните мисии за гаснење пожари.
Паралелно со донацијата, ОКТА и годинава ја реализира кампањата за превенција од пожари на отворено под слоганот „Пази што правиш! За пожар малку треба!“.
Кампањата се спроведува во партнерство со Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП „Национални шуми“, со цел да се поттикне поодговорно однесување во природата и да се предупреди на последиците од невниманието.
Од компанијата посочуваат дека човечкиот фактор честопати е причина за пожари кои предизвикуваат сериозна штета врз шумите, животната средина и безбедноста на населението.
„Превенцијата е најефикасниот начин за намалување на ризиците од пожари. Со оваа донација сакаме да дадеме конкретен придонес во зајакнувањето на капацитетите на институциите кои се грижат за безбедноста на граѓаните и заштитата на природните богатства“, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос.
Тој нагласи дека секој граѓанин има одговорност и улога во спречувањето на пожарите и дека кампањата треба да придонесе за подигнување на јавната свест.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека поддршката од компаниите е значајна за подобрување на оперативната подготвеност на службите.
„Инвестициите во безбедноста и условите за работа на нашите вработени директно придонесуваат за подобар и поефикасен одговор при вонредни состојби и заштита на човечките животи, заедницата и животната средина“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека најдобриот начин за справување со шумските пожари е тие да бидат спречени пред да се појават, поради што ДЗС ја поддржува кампањата за подигнување на јавната свест.
Противпожарните авиони имаат особено значајна улога при раното интервенирање и ограничувањето на пожарите на тешко пристапни терени, каде што екипите од земја не можат брзо да дејствуваат.
ОКТА во изминатите години поддржувала проекти за рано откривање пожари, опремување на службите на првата линија на одбрана и воспоставување на првиот центар во земјата за обука за противпожарна заштита од нафтени деривати.
Од компанијата порачуваат дека заштитата на шумите и природните ресурси бара заедничко дејствување на институциите, бизнис-заедницата и граѓаните.
