Стигнаа првите конкретни барања на демонстрантите во Тирана: Оставка на Рама и преодна влада

Тирана

Организаторите на протестот одржан во Тирана објавија список на барања упатени до албанската влада, меѓу кои се формирање на преодна техничка влада и спроведување на сеопфатни уставни реформи, како и повторено барање за оставка на премиерот на Албанија, Еди Рама.

Учесниците на протестот изјавија дека собирите ќе продолжат мирно сè додека не се исполнат барањата, објавува „Албанска пошта“.

Во соопштението прочитано во име на организаторите, се наведува дека главното барање е „безусловна оставка на премиерот и владата“, по што би се формирала непартиска преодна влада со мандат од 12 месеци.

Според организаторите, пакетот барања вклучува и уставни измени што би обезбедиле еднаквост на сите граѓани пред законот, а кои би биле потврдени на референдум. Меѓу предлозите е ограничување на мандатот на премиерот на максимум два мандата.

Демонстрантите бараат и укинување или поништување на неколку законски иницијативи, вклучувајќи измени на законот за заштитени подрачја, законот за културно наследство.

Организаторите предложија усвојување на „нов општествен договор“ меѓу граѓаните и државата, кој, велат тие, треба да се изготви по консултација со експерти, интелектуалци и граѓани.

Учесниците на протестот наведуваат дека собирот е дел од пошироко граѓанско движење кое бара политички и институционални промени во Албанија. Некои демонстранти изразија загриженост за економската и социјалната состојба во земјата, посочувајќи на ниските плати и високите трошоци за живот, додека ја обвинија владата дека спроведува она што го тврдат како „политика на депопулација“.

Веќе неколку недели, Албанија се соочува со континуирани протести, наречени „Револуција на Фламинго“, предизвикани од контроверзен проект поврзан со планираната изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со зетот на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Демострации беа организирани и во албанската дијаспора во Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Шведска и Австралија.

Учесниците на протестот бараат прекин на проектот, укинување на законот за стратешки инвестиции и измени на регулативите за заштитените подрачја, како и оставка на премиерот Рама.

Најчитано