Соединетите Американски Држави привремено суспендираа дел од санкциите кон Иран на 60 дена, како прв чекор по разговорите во рамки на новиот мировен процес меѓу Вашингтон и Техеран.
Олеснувањето не значи целосно укинување на санкциите. Американското Министерство за финансии одобрило привремено изземање до 21 август, со што на Иран му се овозможува повторно да извезува нафта и нафтени деривати и да остварува приходи од нивната продажба.
Американскиот претседател Доналд Трамп, сепак, предупреди дека Вашингтон ќе реагира доколку Техеран не ги почитува преземените обврски.
„Доколку Иран не го почитува договорот или не се однесува соодветно, ќе направам што морам да направам“, изјави Трамп пред новинарите.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс оцени дека разговорите со иранските претставници во Швајцарија создале добра основа за постигнување траен договор.
На средбата во Биргеншток, со посредство на Пакистан и Катар, бил усвоен патоказ според кој конечен договор треба да биде постигнат во рок од 60 дена.
Во рамки на договореното биле опфатени и механизмите за намалување на судирите во Либан меѓу Израел и Хезболах, како и воспоставување комуникациски канал за безбедно движење на трговските бродови низ Ормутскиот Теснец.
Венс тврди дека Иран се согласил да им овозможи пристап на нуклеарните инспектори и да воспостави механизми за управување со замрзнатите средства во странство.
Техеран, сепак, не ја потврдува целосно американската верзија. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека нуклеарната програма сè уште не била тема на разговорите и дека Иран не презел нови обврски.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи соопшти дека Техеран обезбедил олеснувања за извозот на нафта и петрохемиски производи, како и пристап до дел од замрзнатите средства во странство.
Техничките разговори меѓу двете страни треба да продолжат во текот на неделата, а следните 60 дена ќе покажат дали привременото олеснување ќе прерасне во поширок договор или повторно ќе следува враќање на санкциите.
