Ноќ на експлозии на Крим: Пожари кај Керч, мостот бил затворен со часови

Силни експлозии одекнувале во повеќе делови на Крим во текот на ноќта, а на неколку локации избувнале пожари, објавија украински медиуми повикувајќи се на локални канали што ја следат состојбата на полуостровот.

Според објавените информации, нови жаришта биле забележани кај нафтениот терминал во Керч, кој горел и по претходниот напад на 21 јуни.

Пожари биле регистрирани и на влезот во Керч, како и во близина на Бакерово, каде што, според украинските извори, се наоѓаат позиции на руските системи за противвоздушна одбрана С-300 и С-400.

Сателитските снимки на кои се повикуваат локалните канали покажувале нови пожари и на нафтениот терминал во пристаништето Кавказ, како и кај железничката станица Пивденна во Керч.

Телеграм-каналот „Супернова+“ објавил дека бил погоден и комплексот за претовар и складирање гориво „ТЕС-Терминал“. Овие информации засега не се независно потврдени.

Поради нападите, сообраќајот преку Керчкиот мост бил целосно прекинат во текот на ноќта. Забраната траела повеќе од пет и пол часа, од 23:24 часот до 5:10 часот изутрина.

Руските власти на Крим досега не објавиле официјални информации за размерите на пожарите, евентуалната материјална штета или можните жртви.

Нападите доаѓаат во период на зголемен притисок врз руската логистика на полуостровот. Украинските власти претходно соопштија дека биле погодени цели во Керч и во Краснодарскиот крај.

Паралелно со нападите, на Крим биле воведени ограничувања во снабдувањето со гориво и прекини на електричната енергија според утврден распоред.

Крим е под руска контрола од 2014 година, но Украина и најголемиот дел од меѓународната заедница го сметаат полуостровот за украинска територија под руска окупација.

Најчитано