Детска спои два оддела поради недостиг на медицински сестри

Клиниката за детски болести во Скопје привремено ги спои одделите за имунологија и Пулмологија А поради недостиг на медицински сестри и тешкотии во организирањето на сменската работа и дежурствата.

Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, изјави дека станува збор за привремена организациска мерка, а не за укинување или затворање на одделите.

„Бевме приморани привремено да направиме фузија на двата оддела за да обезбедиме доволен број медицински сестри за дежурства“, рече Мемеди.

Според него, Клиниката се соочува со голема фреквенција на пациенти од целата земја, додека расположливиот број медицински сестри не е доволен за непречено организирање на работата на сите оддели.

И покрај намалениот кадровски капацитет, Мемеди уверува дека ниту едно дете нема да биде вратено и дека сите пациенти ќе бидат примени, згрижени и лекувани.

„Ќе најдеме место за секој пациент. Иако има недостиг на сестри, ниту еден пациент не се враќа“, изјави директорот.

Од Клиниката нагласуваат дека спојувањето на двата оддела треба да овозможи поефикасна распределба на медицинските сестри и одржување на дежурствата додека не се надмине кадровскиот проблем.

Засега не е соопштено колку медицински сестри недостигаат, колку долго ќе трае привремената организација и кога се очекуваат нови вработувања.

Состојбата повторно го отвора прашањето за недостигот од медицински кадар во јавното здравство, особено во установите што згрижуваат пациенти од целата држава и работат со деноноќни дежурства.

Најчитано