Владо Бучковски избран за претседател на Универзитетскиот сенат на УКИМ

Професорот Владо Бучковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е избран за претседател на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Изборот бил направен на конститутивната седница на новиот состав на Универзитетскиот сенат, одржана на 23 јуни.

Новиот состав на Сенатот е избран за мандатниот период од 1 јули 2026 година до 1 јули 2029 година, додека мандатот на Бучковски како претседател ќе трае една година.

На седницата најпрво била формирана Верификациона комисија, која ги потврдила мандатите на членовите на Универзитетскиот сенат.

Потоа била формирана Изборна комисија, која ја спровела постапката за избор на претседател во согласност со прописите и актите на Универзитетот.

По спроведеното гласање, за претседател бил избран проф. д-р Владо Бучковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Со конституирањето на новиот состав официјално започнува работата на Универзитетскиот сенат, кој во следните три години ќе ги извршува своите надлежности во согласност со законските и статутарните одредби на УКИМ.

Универзитетскиот сенат е еден од клучните органи на Универзитетот и одлучува за прашања поврзани со наставата, научноистражувачката работа, развојот и функционирањето на универзитетската заедница.

Најчитано