Муцунски го повика бугарскиот амбасадор по протекувањето на нотата: Од Софија бара извинување

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков во МНР, каде што му било изразено незадоволство поради објавувањето дипломатски документ со податоци за патувањето на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија.

Муцунски изјави дека од бугарската страна било побарано објаснување како документот стигнал во јавноста, но дека досега не добиле одговор.

„Јас да бев и мене да ми се случеше ова, ќе се извинев“, изјави Муцунски на прес-конференцијата на која даде отчет за двегодишната работа како шеф на дипломатијата.

Според него, објавувањето документ поврзан со движењето на членови на семејство на висок државен функционер е неприфатливо, особено затоа што содржел лични и безбедносни податоци.

Дипломатската нота била испратена од македонската Амбасада во Софија до бугарското Министерство за внатрешни работи на 6 јануари. Таа се однесувала на престојот на сопругата и помалиот син на Мицкоски во Пампорово од 8 до 11 јануари 2026 година.

Во документот биле наведени детали за патувањето, обезбедувањето, возилата и комуникациската опрема. Иако делови биле прикриени пред објавувањето, дел од оперативните информации останале видливи.

Нотата првично била објавена во бугарска група на Фејсбук, а потоа била пренесена од повеќе профили и интернет-страници. Засега не е утврдено кој го доставил документот и дали протекувањето потекнува од бугарска институција.

Муцунски рече дека за случајот биле информирани претставници на Европската Унија и на НАТО, бидејќи, според него, станува збор за преседан и нарушување на правилата за дипломатска комуникација и заштита на податоците.

Премиерот Мицкоски претходно оцени дека објавувањето на нотата ја загрозило безбедноста на неговото семејство и дополнително ги влошило односите меѓу Скопје и Софија.

Од бугарските власти до објавувањето на информацијата нема официјално објаснување како документот се појавил во јавноста.

Најчитано