Поранешната вила на Берлускони продадена за 350 милиони евра на катарски шеици

Поранешната вила на италијанскиот премиер Silvio Berlusconi, позната како Villa Certosa, е продадена за околу 350 милиони евра на компанија поврзана со катарското кралско семејство, јавуваат повеќе меѓународни медиуми.

Според информациите, купувач е структура поврзана со семејството Ал Тани од Катар, која преку инвестициска компанија со седиште во Луксембург ја реализирала трансакцијата. Вилата со години важеше за еден од најексклузивните имоти во Европа и симбол на политичката и бизнис моќ на Берлускони.

Villa Certosa се наоѓа на островот Сардинија, во областа Коста Смералда, и претставува огромен луксузен комплекс со десетици соби, повеќе базени, приватни градини, спортски терени и специјални објекти за прием на високи гости. Во минатото таму престојувале бројни светски лидери и бизнис елита.

По смртта на Берлускони во 2023 година, неговите наследници почнаа процес на продажба на дел од неговиот имот, а оваа трансакција се смета за една од најзначајните во европскиот пазар на недвижности.

Иако првично се шпекулираше за цена до 500 милиони евра, конечната сума според извештаите изнесува околу 350 милиони, што сепак ја става меѓу најскапите приватни продажби во Италија.

Експертите ја оценуваат продажбата како дел од поширокиот тренд на инвестиции на блискоисточни фондови во премиум европски недвижности, особено во медитеранскиот регион.

Најчитано