Дали би платиле 50 евра за влез во Венеција?

Венеција повторно е во фокусот поради идејата за зголемување на таксата за влез за дневните посетители, која би можела да достигне и до 50 евра.

Според најавите, локалните власти размислуваат за нов модел на наплата кој би се применувал во денови со најголем туристички притисок, со цел да се намали бројот на посетители и да се олесни притисокот врз градската инфраструктура.

Венеција веќе неколку години тестира систем на наплата за туристи кои доаѓаат на еднодневни посети, каде што моментално цената се движи од околу 5 до 10 евра, зависно од моментот на резервација.

Идејата за зголемување на цената до 50 евра доаѓа како одговор на фактот дека досегашните износи немаат доволно силен ефект врз намалување на гужвите, особено во шпиц сезоните.

Градот, кој е под заштита на УНЕСКО, се соочува со долгогодишен проблем на прекумерен туризам, што доведува до оптоварување на јавните простори, зголемен притисок врз локалното население и деградација на урбаната средина.

Локалните власти сметаат дека повисоката такса би можела да помогне во регулирање на бројот на посетители и да обезбеди одржлив туризам, додека критичарите предупредуваат дека тоа би можело да го претвори градот во луксузна дестинација достапна само за побогати туристи.

Најчитано