Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во сабота, 27 јуни, повторно ќе излезат на улиците на Кочани на 46. „Марш на ангелите“, продолжувајќи ја борбата за вистина, одговорност и правда за 63-те жртви.
Маршот ќе започне во 18:05 часот од Паркот на Револуцијата, соопшти Здружението на граѓани „16-ти март 2025“.
Од Здружението порачаа дека ниту високите температури, ниту времето што поминува нема да ја скршат волјата на семејствата да бараат одговорност за трагедијата.
„За нашите 63 ангели нема одмор од љубовта, нема одмор од сеќавањето и нема откажување од барањето за вистина и одговорност“, порачаа семејствата.
Тие реагираат и на случувањата во судницата, оценувајќи дека расправиите, провокациите и обидите вниманието да се оддалечи од суштината само дополнително ги мотивираат да бидат погласни и поистрајни.
„Секој чекор е спомен за нашите деца и порака дека тие нема да бидат заборавени, а нашето барање за правда нема да замолкне“, наведуваат од Здружението.
До граѓаните е упатен повик да им се придружат на семејствата и со своето присуство да покажат дека барањето за утврдување на целосната одговорност за трагедијата во „Пулс“ останува заедничка општествена обврска.
