Повеќе од 120 домашни уметници ќе бидат дел од голем музичко-сценски спектакл со кој ќе се одбележат 35 години од независноста на Македонија. Перформансот ќе се изведува на отворено во 14 до 15 градови низ земјата во август и септември.
Проектот е замислен како уметничко патување низ најзначајните моменти од изминатите три и пол децении, а не како класично хронолошко претставување на политичките и општествените настани.
Режисерот Дејан Пројковски најави спојување на музиката, актерската игра, филмот, поезијата, литературата и ликовната уметност, преку кои ќе бидат оживеани настани од колективната меморија што ги обединувале граѓаните и ја одбележале независноста.
Приказната ќе биде раскажана од две перспективи – на генерацијата која непосредно учествувала во создавањето на независната држава и на младите кои ја наследиле. Според Пројковски, целта е преку уметноста да се изгради мост меѓу генерациите.
Низ музичко-сценскиот спектакл публиката ќе ја води Игор Џамбазов. Тој најави дека претставата ќе започне со стихови од песната „Македонија“ на Анте Поповски и ќе ги претстави успесите на земјата во културата, спортот и другите области.
„Ќе се обидеме овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија“, изјави Џамбазов, оценувајќи дека одбележувањето треба да биде прослава на постоењето на државата.
Владината портпаролка Марија Митева соопшти дека проектот ќе биде еден од централните настани во програмата за 35-годишнината. Деталите за останатите активности ќе бидат објавувани етапно.
Во продукцијата се вклучени „ОХО продукција“ и „Авалон“. Во рамките на одбележувањето претходно беа најавени и настапи на Хозе Карерас, „Macedonian All Stars“ и Дејвид Гета.
Точниот наслов на спектаклот, целосната листа на учесници, градовите и датумите на изведбите ќе бидат објавени дополнително.
