Албанското специјално обвинителство СПАК издаде налог за апсење на Сокол Бибај, осомничен дека бил дел од една од најголемите мрежи за шверц на кокаин од Латинска Америка кон Европа. Бибај е познат и во Македонија – во аферата „Двојник“ добил македонски пасош со украдениот идентитет на Андон Папи.
СПАК го сомничи Бибај дека бил дел од организирана група која од 2019 до 2021 година оперирала во Латинска Америка, Бразил, Белгија и Холандија и организирала транспорт на најмалку 50 тони кокаин.
За Бибај и уште девет лица е определена мерка притвор и се издадени налози за апсење. Во првичната акција бил приведен само Флоријан Мусај, додека дел од осомничените се бараат во Албанија, а останатите се наоѓаат надвор од земјата.
Истрагата документирала пет големи пратки во кои биле запленети вкупно осум тони и 960 килограми кокаин. Меѓу нив се 700 килограми откриени во Антверпен, 2.010 килограми во Еквадор, 1.100 килограми и 4,1 тони во Ротердам и повеќе од еден тон запленет во Колумбија.
Комуникациите преку криптираната апликација „Скај ЕЦЦ“ откриле детали за начинот на кој функционирала мрежата. Според истражното досие објавено во албанските медиуми, Бибај и Шпетим Алиу разговарале за испораки од Еквадор и за количините кокаин што можеле да ги обезбедат.
Во една од пораките Бибај наводно тврдел дека може да обезбеди до осум тони кокаин неделно, а во друг разговор ја употребил реченицата: „Ќе ја издрогираме Европа“.
Станува збор за наводи од истражното досие, кои допрва треба да бидат докажани во судска постапка.
Случајот повторно ја отвора аферата „Двојник“ во Македонија. Бибај поседувал македонски пасош издаден на името Андон Папи, како дел од системот преку кој биле издадени 215 патни исправи со туѓи идентитети, меѓу кои и документи што завршиле кај лица поврзувани со меѓународниот криминал.
Во 2022 година беше објавено дека Бибај, иако бил баран поради лажниот македонски пасош, бил запрен на граничниот премин Блаце, но успеал да ја напушти Македонија. За случајот беше отворена истрага за постапувањето на граничните полицајци.
Македонски пасош од аферата „Двојник“ имал и Флоријан Мусај, единствениот осомничен кој бил приведен во актуелната операција на СПАК. Неговиот документ бил издаден со идентитетот Наум Фило.
Албанското обвинителство се сомнева дека приходите од трговијата со дрога биле внесувани во Албанија во готовина, а потоа инвестирани во градежни компании, хотели, луксузни вили, туристички комплекси и недвижности.
Во рамките на истрагата се запленети 491 движен и недвижен имот и 209 банкарски сметки, со проценета вкупна вредност од околу 150 милиони евра.
Случајот со Бибај не е само уште една регионална истрага за кокаин. Тој повторно покажува како македонски државни документи стигнале до лица осомничени за тешки кривични дела и како системот не успеал навреме да ги спречи да ги користат туѓите идентитети за непречено движење преку границите.
