Опозициската СДСМ по повод, како што наведува, две години од мандатот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвини дека Министерството за внатрешни работи бележи „целосен распад на безбедносниот систем“, партизација на полицијата и отсуство на одговорност за криминалот.
Во партиско соопштение, СДСМ тврди дека во изминатите две години не е утврдена одговорност за низа случаи, меѓу кои, како што наведуваат, криминални тендери, шверц на дрога, како и повеќе трагични настани што ја потресоа јавноста.
„Тошковски ветуваше правда, велеше ‘брат да ми е, ќе одговара’, ама денес никој не одговара. Криминалот и корупцијата цветаат во изминатите две години“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ оценуваат дека безбедносната состојба во државата е влошена, посочувајќи на случаи на убиства, вооружени пресметки, семејно и врсничко насилство и раст на трговијата со дрога.
Опозициската партија се осврнува и на трагедијата во Кочани, наведувајќи дека наместо целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност, јавноста сведочела на обиди за префрлање на вината и заштита на актуелни функционери.
Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за партизација на полицијата, со тврдење дека професионалните кадри се деградираат, а партиски подобните се унапредуваат.
СДСМ наведува и повеќе случаи за кои смета дека не е преземена соодветна институционална одговорност, меѓу кои и случаи на семејно насилство и инциденти во кои, според партијата, биле инволвирани лица блиски до власта.
Од партијата оценуваат дека Министерството за внатрешни работи „не го гони криминалот, туку го штити“, додавајќи дека граѓаните заслужуваат професионална полиција, функционален безбедносен систем и институции во кои законот важи еднакво за сите.
