Австралиската влада денес објави дека ќе ја удвои максималната казна за платформите што ги кршат законите за минимална возраст за користење на социјалните медиуми на 99 милиони долари (околу 86,9 милиони евра).
Амандманот исто така значи дека Комесарот за е-безбедност ќе може да ги принуди компаниите за социјални медиуми да обезбедат докази за чекорите што ги презеле за да се усогласат со забраната, објавува Би-Би-Си.
Во Австралија, на деца под 16 години им е забранет пристап до десет клучни платформи на социјалните медиуми од 10 декември минатата година.
Властите на земјата започнаа истраги за наводно непочитување од страна на пет платформи забранети за деца под 16 години – Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Јутјуб.
Во својот извештај, Комисијата за е-безбедност, која е независен регулатор на земјата, изјави дека седум од десет деца под 16 години кои имале сметка на социјалните медиуми пред забраната сè уште имале „одреден пристап“ до тие мрежи.
