Опозициската СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски подготвува нов политички проект, кој го нарече „ЗНАМ 2.0“, оценувајќи дека актуелниот караван на партијата ЗНАМ е обид да се прикрие нејзиниот пад и да се продолжи политичката соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение, СДСМ наведува дека караванот на ЗНАМ под слоганот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ се организира во период кога, според нив, партијата се соочува со внатрешни поделби и губење на политичката поддршка.
„Мицкоски веќе работи на создавање на ЗНАМ 2.0, нов сателит кој ќе му послужи за следните избори за разбивање на гласовите на опозицијата“, тврдат од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека Владата се соочува со економски проблеми, празен буџет и намалена поддршка од граѓаните, поради што, според нив, се обидува да го пренасочи вниманието преку политички активности.
СДСМ ја обвини ЗНАМ дека наместо да понуди европска перспектива, е дел од, како што наведуваат, „тендер коалицијата“ со ВМРО-ДПМНЕ и дека караванот претставува „политички театар додека се делат последните тендери“.
Во соопштението се наведува и дека ЗНАМ никогаш не била самостојна политичка сила, туку, според СДСМ, „инструмент во рацете на Мицкоски“, кој сега се обидува да го замени со нов политички проект.
„Караванот е театар додека се делат тендери. Новиот проект на Мицкоски – ЗНАМ 2.0 е веќе во создавање, само овој пат граѓаните знаат и не се наивни“, се наведува во партиското соопштение.
