Патнички авион на компанијата „Џет Блу Ервејс“ денес пријави дека удрил дрон додека се подготвувал за слетување на меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, според американската Федерална администрација за воздухопловство (FAA).
Пилотот на летот 948 на „Џет Блу Ервејс“ пријавил удар со дрон на околу 900 метри надморска височина додека бил на последно приближување кон пистата околу 7:15 часот по локално време, изјави FAA за CNN.
Според аудио-снимка од комуникацијата со кулата, пилотот на авионот пријавил дека дронот го удрил авионот „веднаш над пилотската кабина“. Во соопштението, „Џет Блу Ервејс“ потврди дека авионот слетал без понатамошни инциденти, а FAA соопшти дека го истражува инцидентот.
Доколку се потврди судир со дрон, тоа би бил првиот познат судир помеѓу дрон и американски комерцијален авион.
