Пожар избувна денеска во скопската општина Шуто Оризари, во близина на стовариште, а огнот се шири кон околните куќи.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, пријавата била примена преку единствениот број за итни повици 112.
„Гори сува трева, а огнот се шири кон околните куќи“, соопштија од ЦУК.
Пожарот е во близина на стовариштето на компанијата „Џиди комерц“, во реонот кон Визбегово.
На местото се упатени екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, кои интервенираат за да го спречат ширењето на пламените јазици кон станбените објекти.
Од пожарот се издига густ чад, кој е видлив од повеќе делови на главниот град.
Засега нема официјални информации за повредени лица, евакуација на жители или причинета материјална штета. Не е соопштена ниту причината за избувнувањето на пожарот.
Надлежните служби ја следат состојбата, а повеќе информации се очекуваат по интервенцијата на пожарникарите.
