Крај на хаосот со електричните тротинети: Само лица над 18 години ќе смеат да возат

Малолетниците повеќе нема да смеат да управуваат електрични тротинети на улиците и велосипедските патеки низ Македонија.

Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои минималната возраст за управување со електричен тротинет и друго лесно електрично возило се зголемува на 18 години.

Со новите правила, максималната дозволена брзина за движење на електричните тротинети се ограничува на 20 километри на час.

Ова значи дека тротинетите што можат да развијат поголема брзина ќе мора да се управуваат во рамките на законското ограничување, без разлика на нивните технички можности.

Казнената политика истовремено се заострува. Покрај парична глоба, во одредени случаи полицијата ќе може времено да го одземе тротинетот во период од 30 дена.

Одземање ќе може да следува кога со тротинет управува малолетник, при пречекорување на дозволената брзина, превезување друго лице или возење под дејство на алкохол.

Измените доаѓаат по сè поголемиот број сообраќајни несреќи во кои учествуваат возачи на електрични тротинети, меѓу кои значителен дел се малолетници.

Според анализите на МВР, на кои се повикаа предлагачите на законот, во повеќе од половина од несреќите со електрични тротинети управувале лица на возраст од 16 и 17 години.

Како дополнителен аргумент беа посочени податоците дека од 2024 година до мај 2026 година во пријавени сообраќајни несреќи учествувале 2.352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли.

Во оваа поширока категорија 46 возачи загинале, 585 се здобиле со тешки, а 1.347 со полесни телесни повреди.

Електричните тротинети во изминатите години станаа вообичаено превозно средство, особено меѓу младите, но истовремено создадоа хаос на тротоарите, велосипедските патеки и улиците.

Неретко на еден тротинет се превезуваа по две лица, се возеше со брзина несоодветна за пешачките зони, а малолетници без заштитна опрема се движеа меѓу автомобили и пешаци.

Новите одредби треба да внесат појасен ред и поголема одговорност, но вистинскиот ефект ќе зависи од контролите на терен.

Законот може да ги постави правилата, но крајот на хаосот со електричните тротинети ќе дојде само доколку тие доследно се применуваат.

Најчитано