Невремето остави хаос низ Македонија: Скопје под вода, заглавени возила и паднати дрвја

Силното невреме што вчера, 1 јули, зафати повеќе делови од Македонија остави зад себе поплавени улици и домови, паднати дрвја, оштетена инфраструктура и сериозни проблеми во сообраќајот. Преку бројот за итни случаи 112 биле примени голем број пријави, по што екипите на надлежните институции биле испратени на терен.

Најтешка беше состојбата во Скопје, каде за кратко време големо количество дожд ги претвори дел од градските сообраќајници во водени површини. Поплавени беа подвозниците пред кружниот тек во Бутел и на булеварот „Србија“ во Кисела Вода, каде беа пријавени и заглавени возила.

Под вода се најдоа и кружните текови кај „Ист гејт“, Мото Центар и Цементара и кај Железара, како и улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“. Поради водата на коловозите, сообраќајот во повеќе делови од градот се одвиваше отежнато.

Од ЦУК биле примени и пријави за поплавени куќи, подруми, гаражи и магацини во Кисела Вода, Автокоманда и Чаир. Водата навлегла и во подрумските и гаражните простории на Македонската академија на науките и уметностите, како и во главниот хол и амфитеатарот на МАНУ.

Во Горно Лисиче бил пријавен канал исполнет со вода и опасност од негово прелевање, додека во Бутел било регистрирано зголемување на нивото на Серава. Скопските општини ги активираа кризните штабови, а комуналните и противпожарните екипи интервенираа на повеќе локации.

Последици од невремето се регистрирани и во Куманово, каде водата навлегла во подруми, деловни објекти и повеќе градски улици. На местата каде што се излеала фекалната канализација било најавено миење и дезинфекција.

Во Струмица биле пријавени паднато дрво, електрично броило, жици и бандери. Во Радовиш дрво паднало врз автомобил, а биле поплавени и три улици. Во Велешко и Кавадаречко службите отстранувале дрвја и одрони од патиштата, додека во Светиниколско се испумпувала атмосферска вода од објект во селото Ерџелија.

Во селото Нераште во Општина Теарце, обилните врнежи и недоволниот капацитет на каналскиот систем предизвикале поплавување на повеќе куќи и подрумски простории. Локалните служби работат на расчистување, а формирана е и комисија за процена на материјалната штета.

Податоците на УХМР покажуваат дека најмногу дожд паднал во скопско Црешево, каде биле измерени 74 литри на квадратен метар. Во Лисиче наврнале 63 литри, а во Гази Баба 44 литри на квадратен метар. Од УХМР нагласуваат дека поради локалниот карактер на невремето, количеството врнежи можело значително да се разликува и на блиски локации.

Невремето повторно го отвори прашањето за капацитетот на атмосферската канализација и подготвеноста на градовите за краткотрајни, но исклучително интензивни врнежи. Екипите продолжуваат со расчистување и санација на последиците, додека конечниот обем на штетата допрва треба да биде утврден.

Најчитано