Сакате полициска кариера? Министерството за внатрешни работи објави јавен повик за прием на 200 редовни ученици во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ во Полициската академија, за учебната 2026/2027 година. Повикот е наменет за ученици кои завршиле втора година средно образование во Македонија и сакаат образованието да го продолжат во полицискиот систем.
Кандидатите треба да бидат државјани на Република Северна Македонија, да немаат наполнето 18 години на денот на објавување на повикот, активно да го користат македонскиот јазик и да бидат здравствено и психофизички способни. Дополнително, треба да имаат најмалку добар успех во првите две години од средното образование и да немаат изречени педагошки мерки.
Пријавувањето трае 15 дена, не сметајќи го денот на објавување на јавниот повик, а пријавите се поднесуваат од 8 до 16 часот во определени полициски станици и сектори за внатрешни работи. Пријавата ја поднесува родител, старател или законски застапник на кандидатот, со потребната документација.
Селекцијата нема да биде само формален упис. Кандидатите ќе поминат проверка на моторички способности, општообразовен тест и интервју. Ќе се оценуваат физичка подготвеност, знаење, мотивација, комуникациски способности и лични квалитети потребни за полициска работа.
За примените ученици, МВР обезбедува сместување во ученички дом во рамки на Полициската академија, исхрана и работна облека. По завршување на средното полициско училиште, Министерството ќе заснова работен однос со учениците без јавен оглас, на работно место полицаец, согласно закон.
