По реакциите во јавноста, Мицкоски: Димитар Димовски нема да биде секретар за добро владеење

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли шпекулациите дека Димитар Димовски ќе биде именуван за секретар за добро владеење во Владата, нагласувајќи дека досега воопшто не соопштил кој ќе раководи со новоформираниот ресор.

Одговарајќи на новинарско прашање по реакциите во јавноста и обвинувањата од опозициската СДСМ, Мицкоски рече дека се создава погрешна слика околу неговите претходни изјави.

„Никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што ќе имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Тоа нема да биде истото лице“, изјави премиерот.

Со ова, Мицкоски директно ги демантираше информациите дека функцијата ќе му припадне на Димитар Димовски, актуелен секретар за јавни политики, координација и следење на реализацијата на владината програма.

Во однос на самиот Димовски, премиерот повтори дека и натаму смета оти тој бил жртва на, како што рече, „политичка хајка“ од претходната власт и додаде дека нема намера повторно да навлегува во таа тема.

Прашањето за тоа кој ќе биде задолжен за ресорот „добро владеење“ се отвори откако СДСМ обвини дека на оваа позиција би можел да биде поставен Димовски, повикувајќи се на неговата претходна условна осуда за злоупотреба на службената положба. Владата, пак, засега не открива кој ќе биде идниот секретар, ниту кога ќе биде донесена конечната одлука.

Најчитано