Унгарија ги прекина вестите на јавниот сервис по 16 години Орбан

Маѓар

Унгарскиот јавен сервис привремено ги прекина информативните програми како дел од медиумската реформа што ја најави новата влада на премиерот Петер Маѓар, по изборниот пораз на Виктор Орбан и неговата партија Фидес.

Главниот информативен канал М1 во вторникот ја прекина програмата и на црн екран објави порака со извинување. Во неа беше наведено дека јавните медиуми не смеат да лажат и дека се извинуваат што тоа го правеле со години. Во пораката беше најавено дека јавниот сервис влегува во процес на реорганизација со цел во иднина да стане независен и кредибилен.

Прекинот не се однесува на целата програма на јавниот сервис, туку пред сè на информативните содржини. Според унгарските медиуми, М1 подоцна продолжил со емитување филмска програма, додека информативните емисии останале суспендирани. Вести привремено престана да емитува и државното радио Kossuth Radio, кое со години беше една од најважните платформи на Орбан за редовни политички интервјуа.

Потегот следи по смена на раководството во јавниот медиумски систем и по разрешувања на дел од уредниците и новинарите. Новата власт најавува дека реформата треба да создаде јавен сервис кој ќе работи според професионални стандарди, со непристрасност, точност и уредувачка независност.

Петер Маѓар ја претставува мерката како дел од неговото изборно ветување за демонтирање на медиумскиот систем што, според него, бил претворен во пропагандна машина за време на владеењето на Орбан. Тој оцени дека денот е историски, бидејќи, како што порача, завршило емитувањето пропаганда на јавните медиуми.

Одлуката предизвика остра реакција од Орбан, кој ја нарече мерката автократска и ги повика граѓаните да се информираат преку десничарскиот приватен канал HirTV. Неговата партија со години ги отфрлаше обвинувањата дека вршела притисок врз медиумите и тврдеше дека Унгарија ги почитува европските стандарди за медиумска слобода.

Меѓународните организации и опозициските партии во Унгарија подолго време предупредуваа дека јавниот сервис под власта на Орбан бил политички пристрасен и дека не обезбедувал еднакви услови за политичките актери. ОБСЕ по последните избори оцени дека известувањето на јавните медиуми било систематски наклонето кон владејачката партија и дека опозициските гласови биле маргинализирани или негативно претставувани.

Реформата на јавните медиуми сега станува еден од првите големи тестови за новата власт во Будимпешта. Намерата е да се врати довербата во јавниот сервис, но начинот на кој се спроведуваат смените, прекинот на вестите и поставувањето ново раководство ќе биде внимателно следен и во Унгарија и во Европската Унија.

Најчитано