Гласањето по пошта за дијаспората отвора сериозен сомнеж дека изборите, кога и да се одржат, може да бидат украдени, предупреди претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител. Тој ја обвини власта дека се обидува да протне измени во Изборниот законик без јасни одговори и без механизми што ќе гарантираат контролиран и веродостоен изборен процес.
Филипче рече дека доколку има разум кај власта, ваквите решенија не би се туркале. Според него, ВМРО-ДПМНЕ најпрво предложила целосно различен систем од досегашниот, односно електронско гласање за дијаспората, иако во земјата гласачите се идентификуваат со фингерпринт и проверка на идентитет.
Тој оцени дека електронското гласање е процес што е невозможно целосно да се контролира и потсети дека многу поразвиени држави и демократии размислувале да го воведат, но се откажале поради ризиците. По укажувањата на СДСМ, како што рече, власта направила модификација и сега предлага дијаспората да гласа по пошта, со писмо.
Но, според Филипче, и новиот предлог не нуди никаква сигурност. Тој праша како може да се гарантира дека писмата што ќе стигнат на денот на гласањето ќе бидат автентични и навистина испратени од македонски државјани што живеат во дијаспората. Праша и како може да се спречи еден човек да испрати писма во име на повеќе лица.
Лидерот на СДСМ рече дека власта нема логично објаснување ниту легитимни одговори на прашањата што ги поставува опозицијата. Според него, токму тоа отвора сомнеж дека со измените може да се злоупотреби изборниот процес.
Филипче предупреди дека со ваквото решение се става товар и врз граѓаните од дијаспората. Тој рече дека не смее да се дозволи некој утре да им каже дека тие се виновни ако изборите биле лажирани. Во тоа, според него, се гледа лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски, кои повикуваат на консензус и заедништво, а туркаат решенија што, како што оцени, се добри само за нив.
„Кога ја водите државата, а лошо ја водат државата, тогаш имате одговорност да се направат работи кои се добри за државата“, порача Филипче, додавајќи дека власта не може да турка решенија што се во нејзин интерес, а на штета на сите други.
Тој посочи дека забелешките на опозицијата не се однесуваат само на гласањето на дијаспората. Според него, ВМРО-ДПМНЕ сакала да го смени и начинот на означување на гласачките ливчиња, односно покрај заокружување на бројката пред името или партијата да се дозволи и друг начин на обележување.
Филипче праша зошто граѓаните и опозицијата би ѝ верувале на власта ако таа најпрво предлага решенија што отвораат простор за злоупотреби, а потоа се пазари дека ќе повлече дел од нив само ако биде прифатено нешто друго. Според него, тоа ја доведува во прашање искрената намера зад измените.
Тој порача дека консензус ќе има секогаш кога решенијата ќе бидат добри за државата и кога сите ќе се согласат дека се во интерес на граѓаните. Но, како што рече Филипче, СДСМ нема да прифати изборни измени што отвораат сомнеж во кредибилитетот на изборите.
