Шпанија ја победи Белгија со 2:1 вечерва во Инглвуд и обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство во 2026 година, откако Микел Мерино во 88. минута го реши драматичното четвртфинале и закажа европска пресметка со Франција.
Шпанската репрезентација од почетокот ја презеде контролата врз топката, додека Белгија својата шанса ја бараше преку брзи противнапади. Притисокот донесе резултат во 30. минута, кога Фабијан Руис ја искористи одбиената топка по ударот на Дани Олмо и погоди за водство од 1:0.
Белгијците одговорија пред крајот на првото полувреме. Тимоти Кастањ нафрли од десната страна, а Шарл де Кетеларе со удар со глава во 41. минута израмни на 1:1. Тоа беше првиот примен гол на Шпанија на турнирот.
Вториот дел донесе порамноправна и неизвесна борба, но Белгија се соочи со сериозни проблеми. Голманот Тибо Куртоа во 71. минута поради повреда мораше да го напушти теренот во солзи, а на негово место влезе младиот Сене Ламенс.
Резервниот голман стана трагичар во завршницата. По ударот на Пау Кубарси од околу 20 метри, Ламенс ја одби топката директно до Микел Мерино, кој од непосредна близина погоди за конечни 2:1.
Мерино влезе во игра само две минути пред победничкиот гол, заменувајќи го Дани Олмо. Неговиот погодок ја испрати Шпанија меѓу четирите најдобри репрезентации на светот.
Белгија уште пред почетокот на натпреварот остана без капитенот Јури Тилеманс, кој се повреди на загревањето. Повредата на Куртоа во второто полувреме дополнително ги наруши плановите на белгискиот селектор.
Шпанија во полуфиналето ќе игра против Франција, која со 2:0 го елиминира Мароко. Полуфиналната пресметка е закажана за 14 јули во 21 часот.
