Шок за СПЦ: Патријархот Порфириј доби условна казна во Словенија

Стоилковиќ

Порфириј доби условна казна во Словенија во судска постапка за мобинг врз поранешниот православен свештеник Жељко Лубарда, чиј спор со раководството на Српската православна црква трае повеќе од една деценија. Окружниот суд во Љубљана го прогласил српскиот патријарх за виновен за злоупотреба на работното место, додека СПЦ ја оспорува постапката и тврди дека тој не бил известен за судењето.

На Порфириј му била изречена условна затворска казна од четири месеци, со рок на проверка од една година. Судот му изрекол и условна парична казна од 10.000 евра, исто така со едногодишен рок на проверка.

Српската православна црковна општина во Љубљана, како правно лице, добила условна парична казна од 10.000 евра. Случајот се однесува на периодот кога Порфириј бил митрополит загрепско-љубљански.

Спорот започнал откако Лубарда, како претставник на Црковната општина во Љубљана, поднел кривична пријава против поранешниот парохиски свештеник Перан Бошковиќ поради сомневања за финансиски злоупотреби во црковната каса. Бошковиќ подоцна бил правосилно осуден.

Лубарда тврди дека по пријавата бил изложен на повеќегодишни притисоци да го промени исказот, како и на понижување, нееднаков третман, преместувања и отказ. Тој го обвинил тогашниот митрополит Порфириј дека имал клучна улога во неговото преместување од Словенија во парохија во Хрватска и во забраната да ја извршува свештеничката служба.

Во претходната постапка пред словенечките судови за работни и социјални спорови било утврдено дека Лубарда бил жртва на мобинг. Судската одлука била потврдена и од повисоките судски инстанции, а на поранешниот свештеник му била досудена отштета од 13.000 евра.

Порфириј претходно ги негирал обвинувањата и тврдел дека не вршел притисок врз Лубарда. Во своето сведочење навел дека непосреден работодавец на свештеникот била Црковната општина во Љубљана и дека преместувањето свештеници е вообичаена практика во црковната организација.

Светиот архијерејски синод ја оцени пресудата како скандалозна и соопшти дека ниту Порфириј ниту неговиот адвокат не биле известени дека против него се води постапка. СПЦ тврди дека не им била дадена можност да се произнесат за обвинувањата и дека биле направени сериозни процедурални пропусти.

Синодот соопшти дека му советувал на Порфириј да не поднесува приговор на пресудата, оценувајќи ја постапката како политички мотивирана и насочена против угледот и устројството на Српската православна црква.

Најчитано