Дали Трамп стравува за својот живот? Му се закани на Иран: 1.000 ракети се подготвени

Трамп

Трамп му се закани на Иран дека Соединетите Американски Држави ќе извршат разорен напад врз земјата доколку Техеран се обиде да го убие. Американскиот претседател на 10 јули објави дека 1.000 ракети се „подготвени и насочени“ кон Иран и дека на армијата веќе ѝ дал инструкции како да одговори во случај на атентат.

Во објавата на неговата социјална мрежа „Трут соушал“, Трамп тврди дека американските сили би ги нападнале сите делови на Иран и дека по првите 1.000 ракети би следувале уште илјадници удари.

Тој наведе дека наредбата ќе остане во сила една година, со можност дополнително да биде продолжена. Белата куќа и Пентагон не објавија оперативни детали што би ја потврдиле бројката што ја соопшти американскиот претседател.

Острата закана следува по информации дека Израел споделил со Вашингтон разузнавачки податоци за наводен нов ирански план за атентат врз Трамп. Американските медиуми, повикувајќи се на извори запознаени со разузнавачките процени, објавија дека предупредувањето се однесувало на конкретна закана.

Иран јавно не потврдил дека подготвува таква операција. Техеран и претходно ги отфрлаше американските обвинувања за планови за атентат како неосновани и политички мотивирани.

Заканите кон Трамп се поврзуваат и со ликвидацијата на иранскиот генерал Касем Сулејмани, кој беше убиен во американски напад во Багдад во јануари 2020 година, за време на неговиот прв претседателски мандат. Ирански функционери повеќепати најавуваа одмазда за убиството на командантот на силите „Кудс“.

Дополнителна напнатост создадоа повиците за смрт на Трамп за време на масовните погребни церемонии за иранскиот верски водач Али Хамнеи. Американскиот претседател порача дека ваквите закани ги сфаќа сериозно и дека Иран би се соочил со последици какви што досега не видел.

Изјавата доаѓа во период на повторно воено заострување меѓу Вашингтон и Техеран. Американските сили извршија нови напади врз ирански цели, додека Иран возврати со удари и со закани кон американските сојузници во Персискиот Залив.

Паралелно со заканите, продолжуваат дипломатските обиди за договор околу иранската нуклеарна програма, безбедноста на Ормутскиот Теснец и запирањето на нападите врз трговските бродови. Трамп тврди дека разговорите може да продолжат, но предупредува дека воената опција останува отворена.

Најчитано