Топлотниот бран го затвора Париз: Ајфеловата кула и Лувр со скратено време

Napoleon courtyard of the Louvre museum at night time, with Ieoh Ming Pei’s pyramid in the middle.

Топлотниот бран во Франција ги принуди управите на Ајфеловата кула, Лувр и музејот Орсе предвреме да ги затворат знаменитостите за посетители, додека температурите во Париз се искачуваат до околу 36 степени. Во 24 француски департмани е прогласено црвено ниво на тревога, кое опфаќа повеќе од 22 милиони жители.

Ајфеловата кула во сабота и недела, на 11 и 12 јули, исклучително ќе се затвори во 16 часот. Од управата соопштија дека одлуката е донесена поради високите температури прогнозирани за француската престолнина.

Лувр, еден од најпосетуваните музеи во светот, исто така ќе ги затвора вратите во 16 часот. Скратеното работно време ќе важи во текот на викендот и во понеделник.

Музејот Орсе најави дека од сабота до среда ќе се затвора во 17 часот. Со ова, три од најпознатите туристички локации во Париз го приспособуваат работењето на условите што француските власти ги оценуваат како опасни за посетителите и вработените.

Метео-Франс прогнозира температури меѓу 35 и 38 степени во поголемиот дел од земјата. Во подрачјето од Бургундија до регионот Пеи де ла Лоар се очекуваат температури и до 39 степени.

Во 24 департмани во северозападниот дел на Франција е активирано највисокото, црвено ниво на предупредување за топлотен бран. Поголемиот дел од останатата територија на земјата е под портокалово предупредување.

Високите температури доаѓаат непосредно пред прославата на францускиот национален празник на 14 јули, кога во Париз и во другите градови традиционално се организираат масовни собири, паради и огномети.

Франција се соочува со трет топлотен бран од мај годинава. Метео-Франс предупредува и на исклучително висок ризик од шумски пожари поради комбинацијата од долготрајни горештини и сувата почва.

Метеоролозите очекуваат високите температури да продолжат во текот на викендот, со топли ноќи во поголемиот дел од земјата и можност на одредени места температурата да достигне 40 степени.

Најчитано