Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вучиќ: Курти не сака ЗСО, сака да не вовлече во војна по секоја цена

 – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, говорејќи за кризата на Косово, оцени дека на клучните актери на Запад им е јасно дека Курти е виновен и оти не се согласува со тоа дека е достигнат врвот на ескалацијата, и дека Курти не сака ЗСО, туку сака војна, јави дописникот на МИА од Белград.

-Некои не ја разбираат реалноста, мислат дека е доволно секогаш да ја обвинуваат српската држава за недоволно силен пристап. Курти нема да запре. Нема да има ЗСО, оваква или онаква. Никаква не сака. А тој знае дека ЗСО мора да биде во согласност со принципите што ги парафиравме Иса Мустафа и јас. Несакаат да прифатат никаков принцип, рече Вучиќ на ТВ Пинк.

Тој истакна дека Курти сака војна „затоа што сака да биде воен лидер“, се она што тој би сакал да го избегне.

-И сега сака да не вовлече во конфликт и со НАТО, рече Вучиќ.

Зборувајќи за уапсените косовски полицајци, тој рече дека не верува оти е можно тие да поминат без обвинение, но дека определувањето на притвор секако е работа на надлежните органи.

Тој кажа дека овој случај се користи за жестока кампања против Белград и повтори дека припадниците на косовската полиција биле уапсени на територијата на централна Србија.

Вучиќ посочи дека српската војска е многу посилна од КБС, но дека тие се повеќе се опремуваат и вооружуваат, и дека Турција ги вооружува.

-Одбивме да купиме Барјактар (турски беспилотни летала), бидејќи ги дадоа на Приштина. Нема да соработуваме со нив на тој начин. Неодамна пристигнаа кинески беспилотни летала, CH-90 и нив ги набавуваме и понатаму. За пет месеци ќе добиеме 1.000 беспилотни летала камикази што ги нарачавме на Блискиот исток, за да го одвратиме потенцијален агресор, рече тој.

Српскиот претседател рече и дека не е точно дека Американците мислат за Србија на ист начин како во деведесеттите, туку наведе дека тие имаат многу подобар став. Сепак, тој додаде дека тие сметаат дека ставот за Косово е одвоен од тоа, но дека Србија го мисли спротивното. 

Зачлени се на нашиот е-билтен