Шеесет и шестото издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот ќе биде свечено отворено на Античкиот театар со оперскиот гала-концерт „Љубов“.
На отворањето ќе настапат светски познатата сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет. Со концертот ќе диригира италијанскиот диригент Марко Боеми.
На програмата се дела од Понкиели, Чилеа, Џордано, Пучини, Сен-Санс, Гуно и Масне, меѓу кои арии и дуети од оперите „Мадам Батерфлај“, „Тоска“, „Ромео и Јулија“, „Манон“ и „Адријана Лекуврер“.
Во текот на 40-те фестивалски дена се планирани околу 50 настани од областа на класичната музика, театарот, балетот и џезот. На фестивалските сцени ќе настапат повеќе од 700 уметници од 24 земји.
Новина во годинашната програма е посебниот циклус џез-концерти, кој ќе се одржува од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“. Најавени се музичари од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и Македонија.
Во рамките на фестивалот ќе бидат одбележани 100 години од раѓањето на оперската певица Ана Липша Тофовиќ и 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Предвидени се и културни вечери посветени на повеќе европски земји, како и Вечер на Европската Унија.
Програмата продолжува утревечер со премиерата на претставата „Татко“ во Центарот за култура „Григор Прличев“, додека на 14 јули во црквата „Света Софија“ ќе настапи пијанистот Александер Мелников.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и со учество на Општина Охрид, дипломатските претставништва и партнерите на манифестацијата.
