Пукање на уличен фестивал во Торонто: Двајца загинаа, најмалку четворица се ранети

Две лица загинаа, а најмалку четири се повредени во пукање што се случи за време на уличниот фестивал „Salsa on St. Clair“ во Торонто, еден од најголемите фестивали посветени на латиноамериканската култура во Канада.

Полицијата првично предупреди дека станува збор за активен напаѓач и побара од граѓаните да ја избегнуваат областа околу авенијата Сент Клер Вест и улицата Арлингтон. Неколку часа подоцна, истражителите соопштија дека, според првичните сознанија, не станува збор за случаен напад врз посетителите, туку за вооружена пресметка меѓу најмалку две лица кои меѓусебно отвориле оган. На местото на настанот се пронајдени две огнени оружја, а засега нема информации за приведени осомничени.

Инцидентот предизвика паника меѓу илјадниците посетители на фестивалот, кои во страв почнале да бегаат и да бараат засолниште. Очевидци за канадските медиуми изјавиле дека во првите моменти многумина мислеле дека се работи за пиротехника, пред да сфатат дека одекнуваат истрели.

Градоначалничката на Торонто, Оливија Чоу, го осуди насилството, оценувајќи дека ваквиот напад е неприфатлив, додека премиерот на Онтарио, Даг Форд, изрази сочувство до семејствата на загинатите и повредените. Полицијата продолжува со увидот и ги повика граѓаните кои располагаат со снимки или информации да помогнат во истрагата.

Најчитано