Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за 4NEWS изјави дека основната мисија на Алијансата останува непроменета – заштита на безбедноста на земјите членки, без разлика дали станува збор за воздушниот простор над Турција, одбраната на источното крило или поддршката за Украина.
Во разговорот, Шекеринска посочи дека НАТО денес се соочува со покомплексна безбедносна средина отколку пред неколку години, поради што сојузниците значително ги зголемуваат инвестициите во одбраната, модернизацијата на армиите и зајакнувањето на колективната безбедност.
Таа нагласи дека воздушната одбрана останува една од клучните задачи на Алијансата, потсетувајќи дека НАТО секојдневно го штити воздушниот простор на своите членки, вклучително и јужното крило на Алијансата, како и источните сојузници кои се наоѓаат во непосредна близина на војната во Украина.
Осврнувајќи се на поддршката за Киев, Шекеринска рече дека сојузниците продолжуваат да обезбедуваат значителна воена, финансиска и логистичка помош, оценувајќи дека стабилноста на Украина е од клучно значење за европската безбедност. Таа потсети дека на последниот Самит на НАТО беше потврдена долгорочната определба за продолжување на помошта и за натамошно зајакнување на одбранбените капацитети на Алијансата.
Шекеринска во интервјутo оцени дека НАТО останува најсилниот одбранбен сојуз во светот, а колективната одбрана, според неа, претставува основната вредност врз која почива Алијансата веќе повеќе од седум децении
