Од понеделник, 14 јули, во стариот дел на Охрид ќе стапат во сила нови правила за сообраќај и паркирање, со цел да се намали метежот за време на туристичката сезона и да се овозможи полесно движење на жителите и службите за итни интервенции.
Од Општина Охрид информираа дека ќе биде воспоставен нов режим на пристап и паркирање во најатрактивниот дел од градот. Влезот со моторни возила ќе биде строго регулиран, а паркирањето ќе биде дозволено само на возила што имаат соодветна дозвола или ги исполнуваат условите предвидени со новите правила.
Мерките се воведуваат поради зголемениот број туристи во летниот период, кога тесните улици во старото градско јадро често се блокирани од непрописно паркирани возила, што го отежнува движењето на пешаците, жителите и возилата на Брзата помош, полицијата и противпожарната служба.
Од локалната самоуправа апелираат посетителите да ги користат јавните паркинзи надвор од старото градско јадро и внимателно да ја следат новата вертикална и хоризонтална сигнализација, бидејќи за непочитување на правилата ќе следуваат санкции во согласност со законските прописи.
Општина Охрид очекува новиот режим да придонесе за поголема безбедност, подобра сообраќајна организација и заштита на културно-историското јадро на градот, кое во летните месеци бележи најголем број посетители.
