СДСМ: Бегството на Цуната е безбедносен скандал, бараме оставка од Тошковски

СДСМ побара политичка и институционална одговорност по бегството на лицето познато како Александар Лазаров – Цуната, оценувајќи дека станува збор за сериозен безбедносен пропуст и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

На прес-конференција и во партиско соопштение, СДСМ тврди дека лицето, кое според партијата е осомничено за трговија со дрога и се поврзува со случајот „Пулс“, успеало да избега откако претходно било во полициска станица, а потоа ја напуштило државата.

„Наркодилерот Цуната, којшто се поврзува и со Пулс, вчера му отворија прозор во полициска станица, а денеска му ја кренаа рампата на граница да избега. Сега, откако го пуштија, МВР распишало потерница. Каков блам, каков театар“, наведуваат од СДСМ.

Од опозициската партија оценуваат дека случајот не претставува обичен институционален пропуст, туку сериозен безбедносен скандал кој, според нив, отвора сомнежи за злоупотреби во системот.

„Ова не е обичен пропуст, туку сериозен безбедносен скандал што отвора сомнежи за сериозни злоупотреби и ја потврдува спрегата на ВМРО со криминални структури“, се вели во реакцијата.

СДСМ побара оставка од министерот Панче Тошковски, како и одговорност од сите лица кои, според партијата, биле инволвирани во случајот.

„СДСМ бара одговорност и оставка од Тошковски, па сè до сите инволвирани во овој скандал“, наведуваат од партијата.

Во реакцијата, СДСМ потсетува и на претходни случаи поврзани со борбата против организираниот криминал, оценувајќи дека Министерството за внатрешни работи не постапува ефикасно.

„Истиот Тошковски ветуваше: ‘Брат да ми е, ќе одговара’, а денес наркодилери бегаат од полициски станици и намерно се пуштаат преку граница за никој од власта да не одговара“, стои во партиското соопштение.

Најчитано