Земјотрес од 5,9 степени го погоди Нов Зеланд

Земјотресот бил регистриран во близина на Те Анау, туристички град во регионот Фјордленд на Јужниот Остров. Според новозеландската Национална агенција за управување со вонредни состојби, првичните проценки укажувале на посилен потрес, но податоците подоцна биле коригирани на магнитуда 5,9. 

Потресот бил почувствуван од голем број жители, а системот GeoNet добил илјадници пријави од граѓани кои почувствувале силно и продолжено тресење на тлото. Некои жители опишале дека потресот траел околу една минута и предизвикал силно поместување на предмети и објекти. 

По земјотресот бил издадено предупредување за можен цунами, при што властите ги повикале луѓето да се оддалечат од плажите, пристаништата и крајбрежните подрачја. Предупредувањето подоцна било повлечено, но надлежните предупредиле дека на одредени места може да има силни и невообичаени морски струења. 

Нов Зеланд се наоѓа на т.н. Огнен прстен на Тихиот Океан, една од најактивните сеизмички области во светот, каде што често се регистрираат земјотреси и вулканска активност. Поради оваа геолошка положба, земјата има развиени системи за рано предупредување и следење на земјотреси. 

Последниот потрес повторно го сврте вниманието кон сеизмичката активност во регионот, но според досегашните информации нема индикации за поголеми последици или потреба од масовни евакуации.

Најчитано