Пешевски за пензиите предупреди дека наместо на работниците да им се обезбеди достоинствено пензионирање, се разгледуваат нови пресметки со кои тие би морале да работат подолго. Реакцијата доаѓа по седницата на Економско-социјалниот совет, на која минималната плата повторно не била ставена на дневен ред.
Потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, остро се спротивстави на можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање.
„Наместо да гледаме како работникот да замине во пензија и да зема достоинствена пензија, ние правиме нови математики како да го умреме работникот“, изјави Пешевски.
Според него, дополнителното продолжување на работниот век особено ќе ги погоди луѓето во градежништвото, индустријата, транспортот и другите физички тешки професии.
Во Македонија, мажите остваруваат право на старосна пензија на 64 години, а жените на 62 години, со најмалку 15 години пензиски стаж. Засега нема официјално конечна одлука за промена на овие услови.
Истовремено, на седницата не се разговарало ниту за зголемување на минималната плата, иако синдикатите подолг период предупредуваат дека приходите не ги следат растечките трошоци за живот.
Новата владина потрошувачка кошничка, која треба да покаже колку пари му се потребни на едно семејство, повторно е одложена. Синдикатите велат дека сè уште нема конечна сума што реално го прикажува месечниот трошок за достоинствен живот.
Работниците така остануваат меѓу ниските примања, повисоките цени и неизвесноста дали пензионирањето ќе им биде оддалечено за уште неколку години.
