Довербата во судството во Македонија падна на само 21 отсто, додека Европската комисија предупредува дека политичките притисоци, јавните напади врз судиите и обвинителите и недостигот од пари сериозно ја загрозуваат независноста на правосудниот систем.
Во најновиот Извештај за владеењето на правото, Брисел оценува дека мешањето и притисоците од другите гранки на власта и натаму предизвикуваат сериозна загриженост.
Европската комисија нотира дека избрани функционери и претставници на Владата ги засилиле личните критики кон судиите и јавните обвинители, обвинувајќи ги за корупција.
Посебно се проблематизираат најавите за „прочистување“ на судството и обвинителството. Според извештајот, ваквата реторика може да ја поткопа независноста на правосудството и принципот на поделба на власта.
Како ризик од политизација е посочена и постапката за разрешување на поранешниот јавен обвинител. Европската комисија забележува слабости во правилата за разрешување и предупредува дека ваквите процеси можат да ја нарушат автономијата на Обвинителството.
Проблемите не завршуваат со политичките притисоци. Судството и обвинителството со години работат со недоволно финансиски средства, недостиг од кадар и застарена опрема, што директно влијае врз нивната способност навремено да ги завршуваат предметите.
Извештајот ги посочува и измените на Кривичниот законик од 2023 година како една од пречките во борбата против високата корупција. Долгите судски постапки, ретките правосилни пресуди и ограничените ресурси не овозможуваат создавање убедливи резултати во предметите против високи функционери.
Јавните набавки и здравството се издвоени како особено ризични области. Во јавните набавки се забележуваат слаби антикорупциски механизми и ограничена конкуренција, додека во здравството останува присутен проблемот со ситната корупција.
Европската комисија оценува дека нема значителен напредок во процесуирањето на случаите на висока корупција. И покрај отворените истраги, голем број предмети се одолговлекуваат или завршуваат без правосилна пресуда.
Ниската доверба во судството не е само резултат на перцепцијата на граѓаните, туку и одраз на систем во кој политичките пораки, финансиската зависност и слабите резултати со години го поткопуваат авторитетот на институциите.
