Од силното невреме во Скопје во Карпош повредена жена, старите дрвја се закана за граѓаните

невреме

Силното невреме проследено со силен ветер што го зафати Скопје вчера доцна попладне, предизвикува материјална штета и е повредена на 88-годишна жена во населбата Козле.

Општинските служби во Карпош интервенираа на повеќе локации за расчистување на паднати дрвја и санирање на оштетена електрична инфраструктура со цел обезбедување на јавната безбедност.

Во паркот на улицата „Јуриј Гагарин“ во скопската населба Козле, се случи несреќа кога дрво падна врз 88-годишна жена. Според очевидци, дрвото се скршило под налетите на силниот ветер, при што жената се здобила со повреда на раката.

На местото на настанот веднаш пристигна екипа на Итната медицинска помош, која ѝ укажа соодветна помош на повредената, која била пронајдена во свесна состојба. Овој настан предизвика вознемиреност кај граѓаните кои во тој момент престојувале во паркот и на блиското детско игралиште.

Инцидентот во Козле повторно го отвори прашањето за одржувањето на старите дрвја во јавните паркови и на јавните површини во Скопје. Честата појава на екстремни временски услови, како што се силните ветрови, ги изложува граѓаните на ризик од паѓање на нестабилни стебла.

Оваа ситуација наметнува потреба од редовна фитосанитарна контрола на дрворедите од страна на ЈП „Паркови и зеленило“ и систематско отстранување на суви и оштетени дрвја кои претставуваат потенцијална закана.

Секако, неопходна е и подобра координација помеѓу локалната самоуправа на Општина Карпош и градските претпријатија за превентивно делување пред најавени невремиња.

    Најчитано