Германските железници најавија дека повеќе нема да биде дозволено пиење алкохол на железничките станици низ целата земја. Мерката е донесена како дел од планот за подобрување на безбедноста на патниците и вработените, поради зголемениот број проблеми поврзани со лица под дејство на алкохол.
Забраната ќе важи за пероните и просториите на станиците, а нејзиното воведување ќе се спроведува постепено. Според најавите, до 15 октомври 2026 година правилото треба да биде применето на сите околу 5.400 железнички станици во Германија.
Од „Дојче бан“ посочуваат дека причината за оваа одлука е поврзана со безбедноста и нарушувањата што често се поврзуваат со прекумерно консумирање алкохол. Раководството на компанијата наведува дека таму каде што има повеќе алкохолни инциденти, се зголемува ризикот од конфликти и насилство.
Новото правило веќе е воведено на дел од поголемите станици, меѓу кои се оние во Келн, Хамбург и Минхен, а постепено ќе се прошири и на останатите локации. Во одредени градови мерката претходно беше тестирана како начин за подобрување на чувството на сигурност кај патниците.
Забраната нема да се однесува на рестораните и продавниците во рамки на станиците каде што алкохолот се продава и се консумира во дозволени простории. Исто така, патниците ќе можат да носат неотворени шишиња и лименки доколку не се наменети за консумирање на самата станица.
Алкохолот во возовите засега нема да биде опфатен со оваа мерка, па во дел од возовите продажбата и консумирањето ќе останат дозволени според постојните правила.
