Бранот на стомачни заболувања во Гостивар почнува да слабее, но здравствената криза сè уште не е завршена. Во последниот извештај се регистрирани 293 пациенти кои првпат побарале лекарска помош, што е двојно помалку во споредба со саботата, кога епидемијата го достигнала врвот.
Министерот за здравство Сашо Клековски, по посетата на Општата болница во Гостивар, изјави дека намалувањето веројатно е резултат на мерките што им беа препорачани на граѓаните и на исклучувањето на сомнителните извори од водоводниот систем.
Сепак, водата во Гостивар и натаму не смее да се користи според препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство. Забраната останува во сила најмалку до добивањето на новите лабораториски резултати.
Институтот за јавно здравје зел девет нови примероци од водата. Мострите се земени од јавни чешми, две детски градинки, гостиварската болница, џамија, црква и од домови во кои има повеќе заболени членови.
Прелиминарните резултати се очекуваат утре и од нив ќе зависи дали ќе бидат изменети препораките за граѓаните.
Здравствените власти досега имаат околу 500 пријави за заразни заболувања и 192 пополнети епидемиолошки анкети. Целта е да се утврдат првите случаи и да се состави точната хронологија на ширењето на заразата.
Клековски изјави дека засега нема регистриран пациент со хепатитис. Поради ризикот од дополнителни инфекции, зголемен е бројот на земени копрокултури, а примероците се анализираат и на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Резултатите од анализите на пациентите, според министерот, се споделуваат со лекарите во гостиварската болница. Заболените ќе продолжат да бидат епидемиолошки следени.
Во болницата ќе бидат надополнети резервите на лекови, медицински материјали и суплементи, откако масовниот прилив на пациенти го зголеми притисокот врз здравствениот систем.
Сè уште се испитуваат одговорноста и противречните извештаи за исправноста на водата. Клековски најави дека ќе бидат повикани сите што го контролирале нејзиниот квалитет во периодот пред избувнувањето на епидемијата.
