Невремето го оштети часовникот на Музејот на Град Скопје, симболот запрен на 5:17

Силното невреме што во вторникот попладне го зафати Скопје го оштети и часовникот на фасадата на Музејот на Град Скопје, еден од најпрепознатливите симболи на катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

На фотографијата објавена на социјалните мрежи се забележува дека е оштетена стрелката што ги означува секундите. Засега нема информации дали невремето предизвикало дополнителни оштетувања на механизмот или на останатите делови од часовникот.

Часовникот со децении е запрен на 5 часот и 17 минути, времето кога на 26 јули 1963 година Скопје било погодено од разорниот земјотрес. Неговите неподвижни стрелки останаа дел од колективната меморија на градот и визуелен потсетник на катастрофата во која загинаа 1.070 луѓе, повеќе од 4.000 беа повредени, а над 200.000 жители останаа без своите домови.

Зградата во која денес е сместен Музејот на Град Скопје била изградена во 1939 година како железничка станица. Во земјотресот била тешко оштетена, а еден дел од објектот бил урнат. Музејот бил сместен во зачуваниот дел од Старата железничка станица во 1971 година, кога зградата била ставена и под статус на заштитен споменик на културата.

Ова не е првпат да се наруши положбата на стрелките на часовникот. Во јули 2018 година било забележано дека тие наместо 5:17 покажуваат 6:17 часот, по што екипи на Град Скопје најавиле нивно враќање во првобитната положба. Тогаш било наведено дека поместувањето можеби било последица на земјотрес регистриран две години претходно.

Невремето на 21 јули беше краткотрајно, но исклучително интензивно. Поројниот дожд, грмежите и силните налети на ветер за неколку минути предизвикаа паднати дрвја, оштетени покриви, возила и јавни објекти во повеќе делови од Скопје.

Според пријавите евидентирани од Министерството за внатрешни работи, биле оштетени 117 возила и 35 покриви, паднале 189 дрвја и седум семафори, биле пријавени пет пожари, а 15 лица биле повредени. Оштетувања биле пријавени и на објектите на Основното јавно обвинителство, Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, комплексот „Вила Водно“, полициската база во Петровец и поранешната зграда на „Нова Македонија“.

Најчитано