Пливачкиот базен во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е затворен откако силното невреме во Скопје предизвика голема материјална штета на кровот на објектот.
Од спортскиот центар информираа дека базенот нема да биде во функција, но засега не соопштија колку ќе трае прекинот на работата.
Директорот Даниел Апостоловски изјави дека сè уште се утврдува целосниот обем на штетата. Најсериозно е оштетена кровната конструкција, а скршени се и два прозорци на страничниот дел од базенот.
Базенот требаше да работи во текот на целото лето, пред најавената целосна реконструкција наесен. Проектот за обновување треба да ги опфати објектот и неговите дотраени системи, но точниот почеток и вредноста на работите сè уште не се утврдени.
Објектот беше привремено затворен и во април 2025 година, откако дел од таванската конструкција се одвои и падна покрај базенот. Тогаш стручни лица утврдија дека делови од конструкцијата биле кородирани и дека е неопходна посеопфатна санација.
