ЕЦБ на штрек пред одлуката за каматите

Европската централна банка денес одлучува за каматните стапки во услови на нов скок на цените на нафтата и зголемен ризик инфлацијата во еврозоната повторно да забрза.

Најголемиот дел од економистите очекуваат ЕЦБ да ја задржи депозитната каматна стапка на 2,25 проценти, по зголемувањето од 0,25 процентни поени во јуни. Сепак, новото поскапување на енергијата може да ја остави отворена можноста за дополнително зголемување на каматите во септември.

Цената на нафтата „брент“ се искачи над 96 долари за барел, највисоко ниво во последните шест недели. Растот е последица на ескалацијата на Блискиот Исток, заканите за пловидбата низ Ормускиот Теснец и нападите врз танкери во Црвеното Море.

Инфлацијата во еврозоната во јуни се намали од 3,2 на 2,8 проценти, но енергијата и натаму е најголемиот извор на ценовен притисок, со годишен раст од 8,7 проценти. Подолготрајното задржување на скапата нафта може да ги зголеми трошоците за транспорт, производство, храна и услуги.

ЕЦБ во јуни ги зголеми трите клучни каматни стапки, оценувајќи дека војната на Блискиот Исток создава дополнителни инфлациски притисоци. Банката прогнозира просечна инфлација од три проценти во 2026 година и 2,3 проценти во 2027 година, над среднорочната цел од два проценти.

Проблем за ЕЦБ е што еврозоната истовремено се соочува со слаб економски раст. Ново зголемување на каматите може да ја ограничи инфлацијата, но дополнително да го поскапи кредитирањето и да ги намали инвестициите и потрошувачката. Задржувањето или намалувањето на каматите би ја поддржало економијата, но би можело да го зголеми ризикот од нов ценовен бран.

Официјалната одлука на Управниот совет на ЕЦБ ќе биде објавена на 23 јули во 14:15 часот по средноевропско време, а претседателката Кристин Лагард ќе ја образложи монетарната политика на прес-конференција половина час подоцна

Најчитано