Четворица од Вевчани пријавени за штета од 570.569 денари во „Национални шуми“

ОВР Струга поднесе кривични пријави против четворица жители на Вевчани поради сомнение дека со злоупотреба на службената положба и несовесно работење го оштетиле ЈП „Национални шуми“ за 570.569 денари.

Пријавените се на возраст од 49 до 61 година и биле ангажирани во Подрачното шумско стопанство „Јабланица“ во Струга. Според полицијата, тогашниот раководител без овластување од директорот на претпријатието склучил договор за позајмица со правно лице од Велешта и не го спречил незаконското постапување на останатите вработени.

Двајца од пријавените не доставувале испратници до сметководството и не евидентирале сеча на 127,32 кубни метри буково огревно дрво. Четвртото лице, според пријавата, во една испратница внесувало два различни договори и двајца купувачи.

Со ваквото постапување, на фирмата од Велешта ѝ било овозможено до својот склад да пренесе бесправно исечено огревно дрво и да се стекне со противправна имотна корист на штета на јавното претпријатие, соопшти СВР Охрид.

Најчитано