Градски парк во Скопје е небезбеден за граѓаните

Два дена по силното невреме, Градскиот парк во Скопје сè уште не е целосно расчистен, а паднатите стебла и искршените гранки го прават движењето низ делови од паркот небезбедно за граѓаните.

Фотографиите од терен кои ги направи екипата на Трн.мк покажуваат паднати дрвја покрај клупите, на пешачките патеки, во близина на детските игралишта и кај паркиралиштата на влезовите во паркот. Дел од патеките се блокирани, додека оштетените и навалени гранки претставуваат дополнителен ризик за посетителите.

Состојбата на терен не соодветствува целосно со најавите дека сите расположливи капацитети на Град Скопје и јавните претпријатија се мобилизирани. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вечерта по невремето најави целоноќно расчистување и информираше дека паднатите дрвја и гранки интензивно се отстрануваат.

Невремето што го погоди Скопје на 21 јули предизвика голема материјална штета низ градот. Според првичниот пресек на МВР, до 22 часот биле евидентирани 189 паднати дрвја, 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, седум семафори, пет пожари и десет повредени лица.

Подоцнежниот здравствен биланс покажа дека медицинска помош побарале вкупно 33 лица. Во болницата „Свети Наум Охридски“ биле прегледани 22 повредени, а на Клиниката за ТОАРИЛУЦ уште 11. Двајца пациенти биле задржани на болничко лекување, а сите повредени биле во стабилна состојба.

Градскиот парк е една од најпосетените зелени површини во Скопје, особено во летниот период, но додека не бидат отстранети паднатите стебла и не биде проверена стабилноста на оштетените дрвја, граѓаните треба да се движат со зголемена внимателност и да ги избегнуваат блокираните делови.

Најчитано