Амбасадорите го убедиле Ахмети конечно да стави македонско знаме

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го постави државното знаме во својата канцеларија во партиското седиште во Мала Речица, 24 години по основањето на партијата. Знамето беше забележано на фотографиите од неговата средба со австрискиот амбасадор Мартин Памер.

Ахмети изјавил дека државното знаме го поставил по сугестија од странските амбасадори со кои се среќавал во својот кабинет. Според него, поставувањето на знамето никогаш не претставувало проблем и тој отсекогаш се залагал за унитарна држава.

Лидерот на ДУИ оценил дека државата им припаѓа на сите граѓани и дека нејзините симболи треба да се почитуваат. Тој го претставил потегот како порака за соживот, меѓусебно почитување и еднаквост меѓу заедниците.

Иако државното знаме досега не било поставено во личниот кабинет на Ахмети, тоа редовно било истакнувано во салата за состаноци во седиштето на ДУИ, особено при партиските прес-конференции.

Најчитано