Вучиќ најави победа на избори што, според неговите зборови, треба да се одржат за три месеци во Србија. Во интервју за австрискиот весник „Ди Пресе“, српскиот претседател Александар Вучиќ тврдеше дека гласањето ќе биде „многу подемократско“ од изборите што ги имаат голем број други земји.
Изјавата ја даде во првата епизода од поткастот „Мастерклас со Рајнер Новак“, во кој генералниот директор на „Ди Пресе“ го праша дали се променил во изминатите десет години и дали станал поавторитарен. Вучиќ одговори дека тешко може да го убеди соговорникот во спротивното доколку тој веќе верува дека неговото владеење станало поавторитарно.
Српскиот претседател тврдеше дека ниту еден европски лидер во поново време не бил изложен на толкав број обвинувања и медиумски напади. Како примери ги посочи аферата „Јовањица“, тврдењата за употреба на звучен топ за време на протестите и обвинувањата дека бил поврзан со воените настани во Сараево.
Според Вучиќ, сите овие тврдења подоцна биле докажани како невистинити. Тој оцени дека таквото известување било неправедно и дека со години предизвикувало незадоволство во српската јавност.
„За три месеци ќе победиме на многу подемократски избори отколку што имаат многу земји“, порача Вучиќ. Тој ја отфрли оценката дека очекуваната победа би била доказ за автократско владеење и рече дека изборен успех не може да се постигне без план, програма, добри луѓе и желба Србија економски да напредува.
Во интервјуто, Вучиќ зборуваше и за економските резултати на Србија во изминатата деценија. Тој потсети дека во 2017 година Србија била зад повеќе земји од регионот според просечните плати и пензии, додека денес, според неговите тврдења, се наоѓа пред сите соседи.
Како пример ја наведе Црна Гора, каде просечната плата во 2017 година изнесувала 490 евра, наспроти 340 евра во Србија. Тој додаде дека и Босна и Херцеговина тогаш имала повисоки примања, но дека односот во меѓувреме се променил.
Вучиќ тврдеше и дека јавниот долг на Србија денес е значително понизок од долгот на повеќе земји во регионот. Економските резултати ги претстави како главен аргумент со кој очекува нова изборна победа и продолжување на политиката што ја води неговата власт.
